2018 № 3 (29)
Шелева Е.
Егзилот и носталгијата во опусот на Светлана Бојм
Аннотация
Феноменот на егзилот и емиграцијата (вклучително, внатрешниот егзил) се чини, дека претставува една од парадигматичните и неизбежни теми на научниот интерес, кога станува збор за словенските книжевности. Втемелен во реалниот културно-историски контекст, овој феномен е исто така од незаобиколен интерес во проучувањата од доменот на компаративната книжевност, каде токму процесите на меѓукултурна преселба и пренос имаат витално (дисциплинарно) значење.
Дваесеттиот век започна со утопија, но се заокружи со носталгија! Овој впечатлив и прегнантен опис на парадоксалниот лак, што го измина претходното столетие, и’ го должиме на неодамна починатата славистка и компаративистка со меѓународно реноме, Светлана Бојм (1956–2015), во чијшто живот и дело идеално (но, и егзистенцијално) се спојуваат димензиите на личното искуство и академскиот ангажман. Укажувајќи на иманентната врска меѓу носталгијата и егзилот, Бојм воспоставува разлика меѓу два вида носталгија: ресторативна и рефлексивна носталгија. Но, нејзината луцидна констатација, може да се догради со дополнителен – темпорален – аспект, содржан во интерактивниот однос помеѓу утопијата и носталгијата. Имено, носталгијата останува поврзана со темпоралната оска на минатото (минатоста), додека пак утопијата е витално насочена кон темпоралната оска на иднината (идноста). Парадоксално, во нашето скорешно минато, нештата изгледале поинаку «Во времето на идеолошкиот сингулар, нашите утопии беа во плурал» (Катарина Лукетиќ). Отаде, популарниот култ на носталгијата е добредојден, како безопасен за постојниот поредок, потврдувајќи ги чувствата на резигнација, загуба, болка, немоќ. А, како што укажа Василиј Кандински, «колку позастрашувачки станува светот, толку поапстрактна бидува уметноста»!
Ключевые слова
егзил, носталгија, дијаспора, миграција, Светлана Бојм